21 December 2019

МОЖЕШ ЛИ?

Оди си ако сакаш.
Та не сме врзани еден за друг.
Оди си ако ти е волја, која сум јас да те држам.
Ќе дојде друг, ќе дојде друга. 
Телесните страсти лесно се задоволуваат.
Оди си слободно.
Можеш ли?
И ти како и јас ја имаш таа нишка,
длабоко таму во градите.
Тоа нешто кое секогаш бараше нешто,
Одеше некаде, се надеваше.
Таа нишка која Бог ја предел уште пред да се родам,
Уште пред да се родиш.
Тоа клопче, расплетено на илјада начини,
и повторно склопено во едно.
Оној ден кога те најдов, кога ме најде,
кога се видовме.
Се случи тоа, нишката си го најде крајот,
и почетокот.
Тогаш сите страдања, чекања, надежи
добија смисла.
Оди си ако сакаш,
ама нишката ќе остане да нè врзува,
без разлика на кој дел од светот заспиваме.
Оди си ако можеш,
Но без нас нишката нема смисла,
ни животот не е живот.
Оди си ако сакаш.
Секогаш ќе бидеш во мене и јас во тебе.
Бог ја испишал нашата приказна одамна.
Кои сме ние да противречиме?
Оди си ако можеш.
И јас ќе дојдам.
Те најдов еднаш, ќе те најдам пак,
и уште илјада пати ако треба.
Судените се наоѓаат, макар и се родиле 
на различни страни на светот.
Оди си ако можеш.

12 December 2019

СПОДЕЛИ СРЕЌА

      И доаѓа така ден, сакаш сè да кажеш, да си споделиш. Па си велиш - а зошто? Зошто би ги замарала. Плус, може ќе чуе злото, па ќе ми тропне на вратата. А сите знаеме колку тешко ни оди нагоре во животот, а надолу се тркала мислиш топка. Знам дека тој страв е неоснован и глупав ама ете, си го носам со себе. Инаку оваа моја „дијагноза“ има име ама го заборавив, како што ги заборавам и имињата на бактериите што ги накачувам од нигде-никаде. Решена сум да ги бројам неуспесите, да ги именувам успесите. А бактериите и дијагнозите, секако, спаѓаат во неуспеси.
       Па си велиш, ќе молчам, ќе им кажам во живо, не е интернетот за споделување успеси. Сакам да им ја видам гордоста во очите, љубовта во искрените честитки. И така поминува време. Ќе се видиме, ќе кажам што било и што не било. И покрај радоста добиваш и прекор, зошто не си кажала, што дека не си успеала? Па така успехот е посладок. Не сфаќаат дека не криеш, само ете, сметаш дека нема потреба да ги замараш, а и притисокот од - И кога ќе биде, и што бидна, а зошто така - само ја зголемува маката која и така си ја носиш во себе.
        Не, не сум јас себична, ни пак кријам нешто од некого. Можеби научена сум секогаш да ги кажувам нештата во живо, не можам да се навикнам дека сега оние со кои би споделила ми се далеку и ќе ги видам по еден, два, три месеци. А тие што се околу мене, па... и не мора да знаат, нели? Колку помалку знаат толку помирна ти е душичката. Не, уште не научив дека имам право да речам НЕ без да чувствувам грижа на совест. Уште не научив дека не морам да давам одговор на секое прашање кое звучи како осуда. А ако не одговорам, да не се чувствувам непријатно. И да, ја осеќам таа тишина по НЕ, откако ќе ме прашате дали имам деца. Боже мој. Една година сум мажена, а стомакот рамен даска. Срамота! Срамота е и тоа што во главата си броите колку, во просек, би требало да сум легнала со маж ми. Сепак, ви благодарам што се трудите да ги премолчите останатите глупави прашања како - Зошто не си родила? Што чекате? Колку години имате? Ќе родам, без гајле. И културно ќе ги слушам сите ваши совети за тоа како треба да живеам и како да си ги гледам децата. Додека во себе ве отерувам каде што им е местото на сите некултурни. Да, на секое подголтнување се чувствувам поглупаво. После ми текнува на она - Остави другите да бидат во право, ти биди среќна - и ми олеснува. Така научив и да молчам. Колку повеќе молчиш толку повеќе слушаш што другите имаат да кажат. Колку сакаат да зборуваат за својот живот или да прашуваат за туѓиот. И не, не сакаат да слушнат за твоите успеси и колку ти е убав животот. Никако, тоа кај нас е неможно. Имаш право да споделуваш само негативности. Колку е мала платата, колку се лоши политичарите, ни ја упропастија државата, младите сите избегаа, пензионерите се најлош дел од општеството. А велосипедистите пак со тоа велосипедите... И времето. Или е многу топло па чекаме да залади, или е многу ладно па чекаме да стопли, или само врне па чекаме да изгрее сонце. А снегот, значи преубав е ама аман, кај најде толку да падне, па цел сообраќај ни го блокира, хаос значи, хаос. И така до недоглед. Чисто информативно - Тој го регулира времето. Ако Господ решил дека ќе врне три дена, која сум јас да се бунам? Ќе врне, ќе престани, ќе падне снег, па ќе се стопи, и сонце ќе излези. И да, ќе продолжам да одам со велосипед и по дождот и по снег. И не, не ме интересира дека мислиш дека ќе накачам некоја болест од возење по ладното. Сум поминала многу зими возејќи, и уште многу ќе поминат. А да, знам и јас да се жалам. Да ви кажам дека имам ишијас од 20 години, имам кредит поради кој не можам ни кафе да си се почестам, велосипедот ми е пред распаѓање, телефонот го скршив... Освен што ќе ви ја наранам ненаситната душа, друго ништо нема да постигнам. Затоа решив да се водам по - како зрачиш, така привлекуваш. Па ќе зрачам среќа. Кога ќе врне, ќе си пуштам музика и ќе си речам - Не можеш да ме изводениш колку што можам јас да си веслам со велосипедот низ град. И не, нема снег што ќе ме запре да си ги извршам планираните обврски низ градот. Ишијасот ќе си го имам до смрт, ништо ново. А и кредитот ќе го вратам, пари се прават, здравјето не. 
       Доаѓат месеци исполнети со празници, фамилијарни веселби, па и да ги славите сами дома. Прославете го тоа што сте живи и здрави, што имате покрив над главата, храна на маса и кревет. Ако го читате ова, сигурно имате сè што набројав. Малку ли е? И пробајте празничната еуфорија да не е уште една глума, зашто другите очекуваат од вас да паѓате во транс зашто доаѓа Нова година. Не. Бидете среќни почнувајќи од срцето, а не од устата. Насмеана уста не значи ништо без насмеани очи. Пробајте. Најдете ја среќата во себе. Неколку дена ќе биде чудно ама после ќе сфатите дека не глумите, навистина сте среќни. Се радувате на украсите и на снегот како мало дете. И не, не изгледате глупаво. Среќата никогаш не изгледа глупаво. Убави сте. Среќата и убавата мисла се споделуваат, исто како и тагата и негативната мисла. Твое е да одлучиш што сакаш да споделиш.
 

20 November 2019

ЗА СОЛЗАТА

Каде се кријат солзите
кога ги нема?
И зошто одеднаш натежнуваат?
И капат неконтролирано.
Од некој извор непресушен,
апстрактен е,
но тука е, длабоко,
длабоко во душата.
Ќе дојде ден,
ќе сетиш тежина и знаеш - време е.
И солзата сама ќе протече,
не ја запираш ти.
Сама знае кога ѝ е доста.
Штом душата се испразни
до последна капка,
до премаленост, до болка.
Дури не сврескаш - Доста!
Престани! Не мачи ме.
Дозволи да се насмеам,
луѓе гледаат,
немаат право да те видат.
Само моја си,
остани таму внатре,
скриј се до наредно распаѓање.
Оди, остави ме.
Оди!

02 November 2019

ПРЕГРАТКА

Залетани,
секој во свој свет,
секој со својата бура.
Се спремаме за нов ден, ново утро.
И од никаде доаѓа прегратка.
Тивко, без најава.
И светот запира
во тие две минути
спокој, убост, блажество.
Допир кој вреди колку
десет Те сакам
и многу повеќе љубовни соништа.
Срцата си се наоѓаат
преку слоевите облека,
се темпираат да чукаат како едно.
И повеќе не е важно
дали е понеделник  или петок,
лето или зима,
почеток или крај на месецот.
Убаво е, мирно е, среќно е.
Знаеш, на другиот крај од градот
има срце кое чука како твоето.
Една прегратка,
и животот може да продолжи. 


09 October 2019

РАЈСКА УБОСТ ВО МЕКА ПОСТЕЛА

Го сакам денот 
што се раѓа крај тебе,
и утрата полни надеж.
Ми треба мирисот
на росата од твојата коса
за да го пронајдам патот до вечноста.
Сплоти ги денот и ноќта
во моите прегратки.
Да можам да летам к’о пегаз
на крилјата на стварноста.
Дај ми сила да продолжам
без трошка страв.
Ми требаш како сонцето на зората
да знам дека и утре ќе си тука крај мене.
Да знам дека има за што да живеам.



25 September 2019

ГЛАСНА ТИШИНА

Кога молчам мислите ми се најгласни.
Кога се смеам душата ми е најтажна.
Та ќе натежне и солзи ќе нагрнат,
к’о поројни дождови.
Не прашувај зошто, па ни јас не знам.
Гласови, мисли, зборови
хаотично итаат и ја параат душата,
ја расцепуваат главата.
Ме уништуваат до непрепознавање.
И конечно бурата се смирува, навидум.
Сонот ќе ме грабне.
Божем утре сè ќе биде подобро.
И мислите подредени,
и душата оплакната,
и насмевката вистинска.
Божем.

17 September 2019

БОЕМСКА

Прашај ги боемите
Каде се кријат кога им плаче душата. 
Во едно ќоше, на едно место
Таму каде сите те знаат,
Каде никој не прашува,
Знаат тие зошто се замаглени очите
Знае келнерот кога треба нова тура,
До фајрон, со свирачите
Редат молитви една по една,
Онаа за младоста, па онаа за љубовта. 
Раскажуваат нечија приказна,
Онаа која седи во ќошот. 
И никој не го прашува. 
Знаат зошто се очите замаглени. 

01 September 2019

ЅИД ИЛИ СЛОБОДА

И кога мракот силно стега,
ни прозорец ни пукнатина.
Не биди мува без глава.
Диши, диши и чекај.
Остави мислата да стивне.
Погледни!
Онаа мала пукнатина,
ни игла не провира.
Но имаш нокти,  имаш заби.
Копај, греби, руши.
Види! Светло! Надеж!
И удирањето в ѕид вреди,
само ако добро размислиш
и го одбереш ѕидот
зад кој надежта се крие.

13 August 2019

СЕГА КАДЕ?

На раскрсница немо стојам,
Штиците пукаат, ги снемува.
Бега сонот од мене,
јавето не ќе го доживеам.
Друго јаве, друга иднина.
Зошто?
Бројките поминуваат,
денот се скратува,
За некој утро, за некој залез се чини.
Каде ли ќе ме однесе денот?
Како ќе ја дочекам ноќта?
Прашања. 
Живот исполнет со прашања без одговор,
одговор без прашања.
Желби во недоглед,
надеж колку за лек.
Каде птицо луда?
Ни летот не си го знаеш,
а првкаш како да ќе одлеташ
до вечноста горе.
Летај, но внимавај
Икарова сестра да не се сториш.
Летај малечка.
Ајде, летај!


22 July 2019

ЖИВОТОТ

Опкружени сме со многубројни реклами за животот. Среќен живот, здрав живот, убав живот, избери живот… сите бараат дефиниција за животот, а никој не ја кажува. Велат - живот значи да живееш, додека живееш не заборавај да живееш и така натаму. Добро, но што е животот? Патување од точка А до точка Б? Она помеѓу А - раѓањето и Б - умирањето, велат тоа било живот. Па потоа слушаме дека ние младите не знаеме ништо за животот, ние немаме проблеми, знаеме само да уживаме, а не знаеме да живееме. Кој да ги разбере и возрасните. Се расфрлаат со најразлични филозофии за тоа што треба, што не треба, а не прашуваат што сакаме, што не сакаме, што можеме, што не можеме. Важното е дека треба. Треба да се учи, треба да се работи, треба да се напредува и треба да се живее. Сепак, додека го правиме сето тоа ние живееме, без многу филозофии и објаснувања, без барање смисла на животот. Зашто додека се прашуваме како да живееме животот поминал. Секогаш најтешко го гледаме она што е пред нас. Да не дозволиме да биде така и со животот. Тој е пред нас, околу нас, во нас. 

06 July 2019

ЗОШТО

- Зошто одиш в црква
*А ти зошто не оди?
- Зошто уште не си се омажила?
* А ти зошто се разведе?
- Зошто имате само едно дете?
*А вие зошто не си посвоите?
- Зошто немаш коса?
*А ти зошто немаш цицки?
- Е зошто де?
- Кажете ми зошто
ве интересира сето ова?
- А зошто?


20 June 2019

ДА СИ ПОЧИНАМ

Сите лисја на светот малку се,
да ги соберат мислите на купче,
да ги смират, да ги тргнат настрана.
Да направат место за нови мисли, ново утре.
Хартија, мстило, мастило, хартија...
и така до премаленост.
Чуму ми е денот ако не го постелам?
И чуму мислата ако не ја разбирам?
А таа разбрана сака ли да биде?
Хаос. Хаотична младост, неминовни немири.
Мастило и лист.
Дај ми само тоа.
Да ти ја напишам душата,
да ми одмори мислата.
Та и јас да си починам.
Мастило.. Дај…

08 June 2019

САМА

Сама во толпата,
минува животот крај мене.
Река луѓе,
прашини од чувства,
дожд од солзи.
Сè се врти во круг.
Бура во градите,
пролет полека се буди,
зима во градите останува.
Никој ни да чуе, ни да осети.
Сè е тука, внатре, длабоко
во мрачните одаи на душата.
Искушение, страв, чедност.
Бурата останува, прашината се крева,
дождот не престанува,
а реката останува да оди, гласно, немо, бескрајно.
Сама низ светот,
потполно сама
во толпата полна лаги.


21 May 2019

ИДНИНА

Сакам твоја крв да тече низ мене,
Твоја челад,
Твои рани во моето срце,
Твоја болка во мојата душа.
Сакам да дишам за тебе.
Умирам, цело минато умира за тебе.
Нов универзум, нова јас,
Наше семе сееме,
Наши сни живееме.
Те сакам тебе,
Нè сакам нас.
Утре е нов ден, нова надеж.
Со тебе - секогаш е утре.

16 May 2019

ТРАЧ РУБРИКА

И што да кажам?
Сите сакаат да чујат нешто,
нешто актуелно, интересно, возбудливо.
Ама што?
Што би ви ја нахранило
љубопитноста, суетата, егото?
Комплимент - ама лажен,
восхит - ама неискрен,
трач - исто лажен?
Не.
Немам јас од тие приказни
кои полнат нечии уши и души.
Имам само една, мојата.
Ако си мој и ти си дел од неа,
а ако не си, не заслужуваш ни да ја чуеш.
Викај ме себична, слободно.
Оговарај ме со лажните другарки - слободно.
Па и колни ме, слободно.
Додека јас живеам за себе
Ти проживуваш крај мене
Слободно.

07 May 2019

ТЕАТАР

Не сакам бе!
Не сакам да престанам да живеам.
Сакам да боли, да гребе.
Сакам бури и дождови,
немирни ноќи, снежни утра,
детска насмевка и надеж.
Не сакам да чекам.
Сакам се’, тука и сега.
Да живеам со полни гради,
да фантазирам, да остварам.
Ризик, сакам ризичен чекор
кон бездната на заборавот,
кон небесната иднина.
Сонце да ме оплакува,
дожд да се радува за мене.
За тоа живеам, за театар,
овој ден е мојата сцена.
Аплауз молам!
За младешката ревност
во веќе остареното срце.


29 April 2019

БЕСКРАЈНОСТ

Студ, мрак, спокој,
немир, бескрај.
Мислите итаат како брзиот во 5 и 30
Страшни чувства се вгнездиле
и ја длабат веќе напатената душа.
Пушти ме!
Сонце,топлина, љубов.
Бескраен хаос, болка.
Крвав жилет во градите
безбоен мирис на лицето
Мрежа на очите
црнила во стомакот
Бескрајна празнина
Немир
Страв
Болка
И така до недоглед.


НЕ САКАМ ВО ЗООЛОШКА

Зоолошката градина е синоним за среќно место. Посебно кога си дете. Толку многу нови авантури. Сите животни кои си ги гледал на телевизија, ...