31 March 2019

КОПНЕЖ

Возот тивко тргнува
Џагор го прикрива
Пискотот на локомотивата.
Внатре радост, песни,
а на станица две очи плачат,
Рацете останаа празни
идат дни тажни…
И тоа ќе мине,
Срцето ќе е среќно - скоро
И тогаш…
Нов воз ќе замине,
Друга локомитва ќе пишти,
Солзи на туѓи усни ќе паѓаат,
А шините бескрајно
Ќе ја пишуваат
Елегијата за младоста
.

25 March 2019

КРУГ

Јас имам сè, а ти?
Јас можам сè, а ти?
Ме прокоцка
к’о паричка на Камен мост.
Ме исфрли, ме уништи.
И со бисер пак беше свиња.
Битанга и принцеза?
Само кај Бело дугме.
Овде сум јас - принцеза,
створена од цар,
за ангел на земјата.
Ангели со љубов се наоѓаат,
бисери со страв се губат.
Секој со пишаното,
ние со кармата.
Доста други ми пишуваа
За овој живот јас потпишувам.
А твојот?
Никогаш и не бил запишан.
Останува во заборавот.
Внимавај што посакуваш.
Внимавај.

20 March 2019

ЉУБИ МЕ И НЕ ПРАШУВАЈ

Веков на дланка,
и малку е за стравот да исчезне,
за болката да ја снема
и спомени да пресушат.
Љуби ме, сокриј го минатото,
убиј го мракот
и води ме кон сонцето.
Шепни ми ги соништата -
да ти ги остварам.
Дај ми го срцето -
да го згреам во прегратка
Љуби ме и не прашувај
која бев, каде бев.
Јас сум ти - тука и сега.
„Ние“ е мојата иднина,
„Ти“ е мојот спас.
Само љуби ме и не прашувај.

15 March 2019

АНТОНИМ

Крајот носи почеток,
Почетокот - крај.
Рајот носи пекол,
Пеколот - рај.
Љубовта носи омраза,
Омразата - љубов.
Убоста носи лузни,
Лузните - убост.
Животот носи смрт,
Смртта - живот.
Крајот носи почеток,
Почетокот - крај.

10 March 2019

ЦРНИЛА

                                                         Врелата вода ги гори раните во душата.
Тупотот во ушите ги заглушува мислите.
Со млазот и мислата паѓа во мрачната цевка.
Црнила во црнила,
'рѓа со 'рѓа,
крв во крв.
Нека оди во неповрат сета болка,
сета тежина, сите солзи,
да пресушат, да ме снема за час.
Да ме проголта ноќта во темината
и да ме плукне силно 
во утрото сончево и сјајно.
Млазот полека се гаси,
сон на очите паѓа,
болка срцето го пара,
надеж... нема.
Немо во сон се будам 
и таму јадот во устата го чувствувам,
грлото тупаница силна го стега.
Престанете веќе еднаш.
                                                        Ѓаволот снагата ми ја зема.

05 March 2019

ФЕМИНИСТКА



   Често пати наидувам на разговори на темата „Разликата маж-жена“. Кој што може, што не може? Работата, обврските, облеката, дури и боите - се делат на машки и на женски. Уште од мали знаеме дека розевата боја е за девојчиња, а сината за машки. Но, дали сите го прават тоа? Дали секогаш и секаде се делиме на мажи и жени? Дали и колку сме феминистки? Дали во секоја од нас има, барем малку, феминистка? Или учени сме дека сме женски, понежен пол и не можеме да направиме некои работи. Не, можиме скоро сè, но од раѓање сме учени така и тоа ни влегува потсвесно во начинот на живот. А мора да признаете неретко и играме на оваа карта затоа што ни одговара да глумиме кревки, нежни беспомошни. Чист мазохизам. Еднаш некој паметен човек(маж!) рекол - „Не знам зошто се трудите да бидете еднакви со нас мажите кога вие секогаш сте подобри од нас. Едноставно е нелогично“. Да се разбериме сум феминистка, но во истовреме страшно многу ги поддржувам мажите (знам, нема логика). И се трудам да ги разберам. Посебно оние послабите од мене. Не се тие виновни. Не секој маж се раѓа за да биде - висок, убав, миленик на жените - мажиште. И не секоја жена се раѓа за да биде - висока, убава, заводничка - жениште. А, тоа што некои жени си имаат замислено дека како „понежен“ пол имаат право да го злоупотребуваат тоа на секој можен начин, е друг и пораспространет проблем. Дури ни ова „понежен“ некако не се вклопува во она што за мене е жена - во вистинска смисла на зборот. Поправете ме ако грешам но, повеќепати го имам слушнато изразот „поубав пол“. Ни ова не е 100% точно, но звучи поубаво и повистинито.
  Мора да признаеме, сè уште некаде има семејства во кои жената нема никакви права. И меѓу нас ги има. Но, од друга страна, оние што понекогаш сакаат да „глумат“ модерна, феминистички настроена Јованка Орлеанка најчесто се оние кои би се оправдале дека не можат да направат нешто само затоа што се жени. А, ние, ’вистинските’ феминистки - немаме време за тоа. Зафатени сме работејќи рамо до рамо со нашите браќа и татковци. Наместо со протести и слогани - практично, на дело, им докажуваме што сме и што можеме. Добиваме возачки дозволи, сами си одбираме брачни партнери, што ќе облечеме, што ќе учиме и што ќе работиме. И наоѓаме некој кој ни купува цвеќе секој ден - не само на осми март, кој нè почитува секогаш и не само за на Инстаграм. Не е до мажите или до општеството. До нас е.
   Поздрав од една феминистка која „ужасно многу“ ги почитува мажите.


НЕ САКАМ ВО ЗООЛОШКА

Зоолошката градина е синоним за среќно место. Посебно кога си дете. Толку многу нови авантури. Сите животни кои си ги гледал на телевизија, ...