Можам јас да се искачам и на Водно и на Пелистер, можам и да вртам на велосипед со часови низ градот. Впрочем, повеќе време поминувам на велосипед отколку в кревет. Знам и како е да уживаш со лезет-кафе, уживајќи во убавините на зајдисонцето, без да го фотографираш за на социјалните мрежи. Си имам јас фотографско помнење, и искрено повеќе си го сакам од најдобрата камера на некој Ајфон. Лошото е што не можам да им избегам на мислите, да ги замолчам, да ги избркам. А се трудев. Знам повеќе техники за контролирање на дишењето, на мислата, на стресот. Сум слушала и музика за опуштање. Ама ете во моментов ме смирува рок и пишување. Некако како со гласната музика да ги надвикувам мислите, божем ќе ги надмудрам.
Уморна сум. И ние силните се уморуваме, знаете? Уморна сум. Сакам да избегам од себе. Таму некаде во светот. Да работам со часови, да гледам лажни насмевки, да ги убедувам луѓето колку е животот убав, дека треба да гледаат позитивно на сите падови и подеми. Дека секогаш има подобро утре. И така додека им зборувам за убави работи полека почнувам да верувам во нив. И надежта си доаѓа на место. Ама мислата. Мислата секогаш ме демне. Си чека, како мачка плен. Со часови. И тогаш кога мислиш - конечно, време за себе. Напаѓа. Гребет, растргнува,... И се туткаш, се распаѓаш под оловната тупаница. Среќна дека си на земја, немада одиш подолу. Ама боли бе, убива. Врескаш без глас, плачеш без солзи, се распаѓаш, а ништо не ти недостига. И си велиш - продолжи, исплачи се. Ама побргу. Ќе си дојдат твоите, ќе те видат така скршена, ќе ги боли. А не сакаш, не смееш. Твојата болка си е само твоја, ќе сакаат да ти ја украдат, да ја поделат, да те боли помалку. Ама не бива. Моја е. Само мене ме боли, на мој начин, само јас можам да го издржам ова самоуништување. Секоја змија се ослободува од сопствената кожа, и јас од својата мака. Мора да ја одболувам сама, да ја исплачам сама и да продолжам понатаму. Полесна, поубава, посреќна. До наредно распаѓање.
И не ми треба вашето - Ќе биде подобро. Знам дека ќе биде. И сега е добро. Не ми требаат утешителни пораки или бакнежи, иако и тоа ја ублажува болката ама не ја отстранува. Ми треба да ја одболувам болката за да си отиде. Морам да се скршам на парчиња за повторно да се составам, посилна од претходно, посмела, поенергична. Да се ослободам. Да земам залет за ново полетување, за нов лет, за нови уживања. Знам дека ќе траат, до ново распаѓање, до ново пропаѓање, до ново раѓање. Па ни птиците не летаат вечно. И тие некогаш мора да ги одморат крилјата за да се вивнат посилно, повисоко. Зошто јас би била поразлична?
А сега извинете. Одам да ја измијам болката и да се насмевнам. Ќе дојдат едни очи во кои ја има цела слобода на светот. Треба да ги видат моите насмеани, спремни за нов лет, за нови предизвици. А која сум јас да противречам на сите убавини кои ми ги дава животот? И болката е убава, ако знаеш како да ја одболуваш и кога да ја пуштиш да си оди. Збогум. Време е за сонце.