21 April 2021

СЕГА СУМ МАЈКА


 Денес, по скоро една година, ако не и повеќе, ги лакирав ноктите, со силна розова боја. И тие на нозете. Да го најдам пирсот и него ќе го ставам на стомакот. Па што дека уште ми е збрчкан? Имам шест и пол месечен здрав, прав, сладок доказ за моите брчки, и воопшто не се каам. А и маж ми рече дека телото ми е убаво. И не, никогаш не сум се срамеле да ме гледа полугола низ дома. Негова сум, и со брчки и без брчки. И со виснати гради и со бушава коса. Сега сум и мајка. И тој го знае тоа. Вели оправдано било да бидам и испотена, и валкана, и со подочници. Имам добра причина за тоа. Некни ги пробав и алиштата кои не ги носев цела бременост. Сите ми се точни. Никогаш сум немала причина да се грижам за мојата тежина, но ова и тоа како е причина за славење. Си купив и фармерки број 28. Точно, помал од моите години. Може еден ден ќе почнам и да вежбам. Дома. Знам дека ненаспаноста и бебето не се оправдување, па ќе си признаам - ме мрзи. Вежбав три недели за да ја средам дијастазата. И си ветив дека ќе продолжам. Ама не реков одма. Ќе биде еден ден. Има време. За сè си има време. И за нова фризура, и за нови фармерки, и за нови стомачни мускули. Еден ден ќе му се вратам и на плетењето, и на читањето. Има време. Ама сега не можам. Имам поважна работа. Да си го гледам чедото како ми спие на рака, додека ишијасот ме убива, вратот ми е укочен, а рамената замрзнати. Секако дека сум прегладнета и ненаспана. Секако дека знам дека треба да спие сам во креветчето, а не на мене. И треба сам да заспива, а не со доење. Сè си знам. Ама има време да го научам. Сега само сакам да го гледам како мирно ми диши до срцето. За сè има време, само никогаш не е доволно долго ова спиење на мене. Ќе се разжерави, ќе стане, а и време му е за капење. Ех, ви кажав? Сега сум мајка. Да. Сега сум мајка!


 

No comments:

Post a Comment

НЕ САКАМ ВО ЗООЛОШКА

Зоолошката градина е синоним за среќно место. Посебно кога си дете. Толку многу нови авантури. Сите животни кои си ги гледал на телевизија, ...