09 November 2021

РАЗДЕЛБА

Измешани чувства.

Слобода, тага, напуштање, среќа.

Жештините го параат мозокот,

телово од кожа сака да излезе.

Каде?

Жешко е и надвор, колку и внатре.

Вода барам, капка нема.

Жедта за тебе не поминува,

а сега те гушнав.

Се сеќаваш?

Секако дека не и нема,

но јас вечно ќе паметам кога те оставив,

кога морав,

силна сум реков, 

морам реков,

а очите ќе ми препукнат

стегајќи ги солзите.

Спиј, спиј мирно мое.

Во сонот јас пак ќе те гушкам.





19 May 2021

ОТКАКО ПОСТОИШ ТИ

Откако постоиш ти

знам што значи жеравење.

Кога се жеравиш ти и душата

ми се жерави.

И трепет знам што е.

Срцето ми трепери кога си тажен.

И болка знам што е,

онаа кога ти со плач кажуваш,

јас со болка разбирам.

Откако постоиш ти и солзите

ни се исти.

Тебе те боли, јас плачам, ти се смируваш.

Откако постоиш ти ништо не е исто,

а иста љубов делиме.

Откако постоиш ти и новата јас постои

за убавините во твоите очи да ги гледа

и среќата во твојата смеа да ја бара.

Светот во раце си го носам,

откако постоиш ти.


 

21 April 2021

СЕГА СУМ МАЈКА


 Денес, по скоро една година, ако не и повеќе, ги лакирав ноктите, со силна розова боја. И тие на нозете. Да го најдам пирсот и него ќе го ставам на стомакот. Па што дека уште ми е збрчкан? Имам шест и пол месечен здрав, прав, сладок доказ за моите брчки, и воопшто не се каам. А и маж ми рече дека телото ми е убаво. И не, никогаш не сум се срамеле да ме гледа полугола низ дома. Негова сум, и со брчки и без брчки. И со виснати гради и со бушава коса. Сега сум и мајка. И тој го знае тоа. Вели оправдано било да бидам и испотена, и валкана, и со подочници. Имам добра причина за тоа. Некни ги пробав и алиштата кои не ги носев цела бременост. Сите ми се точни. Никогаш сум немала причина да се грижам за мојата тежина, но ова и тоа како е причина за славење. Си купив и фармерки број 28. Точно, помал од моите години. Може еден ден ќе почнам и да вежбам. Дома. Знам дека ненаспаноста и бебето не се оправдување, па ќе си признаам - ме мрзи. Вежбав три недели за да ја средам дијастазата. И си ветив дека ќе продолжам. Ама не реков одма. Ќе биде еден ден. Има време. За сè си има време. И за нова фризура, и за нови фармерки, и за нови стомачни мускули. Еден ден ќе му се вратам и на плетењето, и на читањето. Има време. Ама сега не можам. Имам поважна работа. Да си го гледам чедото како ми спие на рака, додека ишијасот ме убива, вратот ми е укочен, а рамената замрзнати. Секако дека сум прегладнета и ненаспана. Секако дека знам дека треба да спие сам во креветчето, а не на мене. И треба сам да заспива, а не со доење. Сè си знам. Ама има време да го научам. Сега само сакам да го гледам како мирно ми диши до срцето. За сè има време, само никогаш не е доволно долго ова спиење на мене. Ќе се разжерави, ќе стане, а и време му е за капење. Ех, ви кажав? Сега сум мајка. Да. Сега сум мајка!


 

07 January 2021

УБАВ НЕСПОКОЈ

Се жерави како ливче пролетно,

бара место душа да протегне,

за надвор рано е,

внатре не се доседува.

И јас нестрпливо чекам,

си велам време има,

а времето час како вртелешка,

час како полжав ита.

Има време, а времето за час стига.

И денот ќе дојде,

приказни безброј веќе се скроиле.

Ниедна нема да биде како во мислите.

Која полоша, која подобра,

тројцата ќе ја пишуваме.

Ти расти, мрдај, уживај,

не итај за надвор.

Бог знае кога е време,

до тогаш ќе уживам

во овој убав неспокој. 


 


 


 



НЕ САКАМ ВО ЗООЛОШКА

Зоолошката градина е синоним за среќно место. Посебно кога си дете. Толку многу нови авантури. Сите животни кои си ги гледал на телевизија, ...