И доаѓа така ден, сакаш сè да кажеш, да си споделиш. Па си велиш - а зошто? Зошто би ги замарала. Плус, може ќе чуе злото, па ќе ми тропне на вратата. А сите знаеме колку тешко ни оди нагоре во животот, а надолу се тркала мислиш топка. Знам дека тој страв е неоснован и глупав ама ете, си го носам со себе. Инаку оваа моја „дијагноза“ има име ама го заборавив, како што ги заборавам и имињата на бактериите што ги накачувам од нигде-никаде. Решена сум да ги бројам неуспесите, да ги именувам успесите. А бактериите и дијагнозите, секако, спаѓаат во неуспеси.
Па си велиш, ќе молчам, ќе им кажам во живо, не е интернетот за споделување успеси. Сакам да им ја видам гордоста во очите, љубовта во искрените честитки. И така поминува време. Ќе се видиме, ќе кажам што било и што не било. И покрај радоста добиваш и прекор, зошто не си кажала, што дека не си успеала? Па така успехот е посладок. Не сфаќаат дека не криеш, само ете, сметаш дека нема потреба да ги замараш, а и притисокот од - И кога ќе биде, и што бидна, а зошто така - само ја зголемува маката која и така си ја носиш во себе.
Не, не сум јас себична, ни пак кријам нешто од некого. Можеби научена сум секогаш да ги кажувам нештата во живо, не можам да се навикнам дека сега оние со кои би споделила ми се далеку и ќе ги видам по еден, два, три месеци. А тие што се околу мене, па... и не мора да знаат, нели? Колку помалку знаат толку помирна ти е душичката. Не, уште не научив дека имам право да речам НЕ без да чувствувам грижа на совест. Уште не научив дека не морам да давам одговор на секое прашање кое звучи како осуда. А ако не одговорам, да не се чувствувам непријатно. И да, ја осеќам таа тишина по НЕ, откако ќе ме прашате дали имам деца. Боже мој. Една година сум мажена, а стомакот рамен даска. Срамота! Срамота е и тоа што во главата си броите колку, во просек, би требало да сум легнала со маж ми. Сепак, ви благодарам што се трудите да ги премолчите останатите глупави прашања како - Зошто не си родила? Што чекате? Колку години имате? Ќе родам, без гајле. И културно ќе ги слушам сите ваши совети за тоа како треба да живеам и како да си ги гледам децата. Додека во себе ве отерувам каде што им е местото на сите некултурни. Да, на секое подголтнување се чувствувам поглупаво. После ми текнува на она - Остави другите да бидат во право, ти биди среќна - и ми олеснува. Така научив и да молчам. Колку повеќе молчиш толку повеќе слушаш што другите имаат да кажат. Колку сакаат да зборуваат за својот живот или да прашуваат за туѓиот. И не, не сакаат да слушнат за твоите успеси и колку ти е убав животот. Никако, тоа кај нас е неможно. Имаш право да споделуваш само негативности. Колку е мала платата, колку се лоши политичарите, ни ја упропастија државата, младите сите избегаа, пензионерите се најлош дел од општеството. А велосипедистите пак со тоа велосипедите... И времето. Или е многу топло па чекаме да залади, или е многу ладно па чекаме да стопли, или само врне па чекаме да изгрее сонце. А снегот, значи преубав е ама аман, кај најде толку да падне, па цел сообраќај ни го блокира, хаос значи, хаос. И така до недоглед. Чисто информативно - Тој го регулира времето. Ако Господ решил дека ќе врне три дена, која сум јас да се бунам? Ќе врне, ќе престани, ќе падне снег, па ќе се стопи, и сонце ќе излези. И да, ќе продолжам да одам со велосипед и по дождот и по снег. И не, не ме интересира дека мислиш дека ќе накачам некоја болест од возење по ладното. Сум поминала многу зими возејќи, и уште многу ќе поминат. А да, знам и јас да се жалам. Да ви кажам дека имам ишијас од 20 години, имам кредит поради кој не можам ни кафе да си се почестам, велосипедот ми е пред распаѓање, телефонот го скршив... Освен што ќе ви ја наранам ненаситната душа, друго ништо нема да постигнам. Затоа решив да се водам по - како зрачиш, така привлекуваш. Па ќе зрачам среќа. Кога ќе врне, ќе си пуштам музика и ќе си речам - Не можеш да ме изводениш колку што можам јас да си веслам со велосипедот низ град. И не, нема снег што ќе ме запре да си ги извршам планираните обврски низ градот. Ишијасот ќе си го имам до смрт, ништо ново. А и кредитот ќе го вратам, пари се прават, здравјето не.
Доаѓат месеци исполнети со празници, фамилијарни веселби, па и да ги славите сами дома. Прославете го тоа што сте живи и здрави, што имате покрив над главата, храна на маса и кревет. Ако го читате ова, сигурно имате сè што набројав. Малку ли е? И пробајте празничната еуфорија да не е уште една глума, зашто другите очекуваат од вас да паѓате во транс зашто доаѓа Нова година. Не. Бидете среќни почнувајќи од срцето, а не од устата. Насмеана уста не значи ништо без насмеани очи. Пробајте. Најдете ја среќата во себе. Неколку дена ќе биде чудно ама после ќе сфатите дека не глумите, навистина сте среќни. Се радувате на украсите и на снегот како мало дете. И не, не изгледате глупаво. Среќата никогаш не изгледа глупаво. Убави сте. Среќата и убавата мисла се споделуваат, исто како и тагата и негативната мисла. Твое е да одлучиш што сакаш да споделиш.