29 April 2019

БЕСКРАЈНОСТ

Студ, мрак, спокој,
немир, бескрај.
Мислите итаат како брзиот во 5 и 30
Страшни чувства се вгнездиле
и ја длабат веќе напатената душа.
Пушти ме!
Сонце,топлина, љубов.
Бескраен хаос, болка.
Крвав жилет во градите
безбоен мирис на лицето
Мрежа на очите
црнила во стомакот
Бескрајна празнина
Немир
Страв
Болка
И така до недоглед.


22 April 2019

ЧУДЕСИИ

И се прелева чашата,
ама не капнува.
И се истура бокалот,
ама не пука.
И нов плач се раѓа,
ама немее.
И триста чуда се случуваат секојдневно
ама глува сум.
Оглувев, отупев,
онемев, откажав.
Тоа не се мои приказни,
тоа не се мои јадови,
Не знам јас за никакви туѓи радости.
Овде, тука, внатре.
Тоа сум јас.
Црнила, сонца, љубов, јадови.
Сè има, сè си имам.
Ама тоа вас не ве интересира.
Зашто се мои, само мои.


16 April 2019

ПОВТОРНО РАЃАЊЕ

Заглавена во машинерија од празни чувства,
осветлена од нов снег,
нова надеж, нов здив.
Слободно лебдам над новата љубов.
Не се плашам веќе.
Нека боли, нека раскинува
младо, кревко, врело месо.
Нека убива!
За тоа живеам, за тоа стареам
Да љубам до болка,
да страдам од среќа,
да врескам слободно,
Со полни гради, да се вивнам од дното.
Овој феникс се буди, се раѓа повторно,
сè е толку страшно убаво.
Се раѓам повторно Боже,
се раѓам со плач, со рик, со страв.
Среќна - се раѓам!!!


11 April 2019

СТРАСТ

Од љубов, оваа нашата
Кога со животински порив
Го пиеме нектарот на убоста,
Со сонце во очите и
Пеперутки во душата.
Кога се смееме на страста
Како деца фатени во беља,
Се криеме од светот и
Уживаме во осаменоста
Јас, ти и нашата љубов.
Бесрамно го грабаме секој миг,
Себично си крадиме насмевки
И знам дека сакам вечно да трае.
Од љубов… оваа нашата.

05 April 2019

ДВА СВЕТА

Ти сакаше ползејќи да сонуваш,
јас летајќи да живеам.
Ме кочеше,
како канџа на кревката нога
ме тргаше назад, до тебе.
Не сакав. Не можев. Не смеев.
Не сум родена јас да го гледам мракот,
да сонувам за утре,
да тажам за вчера.
Ми треба сонце, воздух, небо.
Слобода.
Слобода ми треба.
Да може мислата да лета
и срцето слободно да чука.
Некој кој ќе ме турка нагоре,
кој ќе ме трга со себе во недоглед.
Ти не си тоа.
Не лути се.
Не си ти лош, ниту пак јас.
Ние сме делови од два спротивни света.
Оди. Слободен си.
Најди некоја која ќе ползи со тебе.
Среќно. Јас одлетав.

НЕ САКАМ ВО ЗООЛОШКА

Зоолошката градина е синоним за среќно место. Посебно кога си дете. Толку многу нови авантури. Сите животни кои си ги гледал на телевизија, ...