29 January 2019

ГУЛАБ ВО КРИК

Гулаб во крик паѓа на тревата.
Пролетен мрис го враќа од бунило.
Бескрајни лелеци отаде оградата.
Стани, одлетај пак
и паѓај, паѓај, паѓај.
Доста!! Доста веќе.
Сакам сончеви утра,
ѕвездени ноќи, мирни воздишки.
Болка ги пара крилјата,
крици го заглушуваат телото.
Доста, доста, доста!
Одете си проклети демони,
смирете се диви бранови.
Спокој, спокој ми треба.

24 January 2019

НЕВИНОСТ

Мир, љубов, спокој,
нежни погледи ја параат облеката,
блажен мир ја бранува душата;
анѓелите носат
рајски немир во во срцето.
Страст на усните,
немир во телото;
крик го крши здивот,
мир се враќа во душата.
Сонот тивко на очите слета. 

19 January 2019

УШТЕ ЕДНА (НЕ)ОБИЧНА ЉУБОВНА ПРИКАЗНА


Љубов. Знам, не сте расположени за уште еден патетичен текст или за дефиниции за тоа што е љубовта или што значи да се сака или колку пати се сака или колку долго или… Потсетете ме ако заборавив нешто. Искрено, ни јас. Ме убива самата помисла на неа, на дефиницијата,на преиспитувањата, прашањата од  типот - дали, како, што, кого. Од друга страна постојано мислам на нив. Знаете колку повеќе се трудиш да не мислиш толку повеќе мислиш. Како она со болниот заб и јазикот. Тука сакам да ве прашам вам, драги читатели/ки. Што е љубов? Дали има љубов по љубов? А љубов по несреќна љубов? И како знам дека е тој е вистинскиот? Ајде да пробаме со една приказна за едно девојче, толку различно од другите. Девојче кое од мало си дозволи да мечтае, да се надева, да трага по убаво утре, позитивен свет, вечна љубов. Иако потсвесно знаеше, не знам како ама знаеше, дека животот не е бајка. Таа никогаш не веруваше во бајка, никогаш не се надеваше дека ќе го најде принцот ниту пак се однесуваше како принцеза. Таа беше своја, може да се каже тврдоглава, со свој став, свое мислење. Па оди разубеди ја да те видам. Првио ù дечко, кој го „најде“ при крајот на осумнаесеттата година имаше многу проблеми со неа, односно со желбата да ја смени, да ја добие онаа девојка која тој си ја имаше замислено. Попусто. Таа од почеток знаеше дека не се еден за друг, и искрено му го кажуваше тоа. Тој се правеше дека не ù верува, или не сакаше да верува. А таа? Беше сакана, ù беше убаво и помалку себична - си дозволи да ужива четири години покрај некој кој не ја познаваше, кој никогаш не ја разбираше но, молчеше, со надеж дека ќе ја смени. Жалам, таа веќе беше жена со став. А на таквите не им треба маж за да ги чува и учи, туку само да стои покрај нив, да ги сака и да ги разбира, и да ги поддржува. Тие немаа ништо од тоа. А, мили мои, од страст не се живее. И така, по четири години чекање - таа чекаше да ја прифати таква каква што е, а тој да станe онаква каква што си ја имаше замислено - таа реши да стави крај на сè. И беше болно, верувајте ја болеше исто, можеби и повеќе, колку и него. Но, таа не е од оние кои цел живот ќе живее во лага само за друг да биде среќен или да се мажи само затоа што по долгогодишна врска, логично (?) следува брак. Фуј - НЕ! Преболување? Мислам дека тука процесот беше обратен - прво го преболи, па му се скара. Барем таа така се чувствуваше. Сè уште ù е жал што си дозволи да биде себична и толку долго да биде со некој со кој знаеше дека нема иднина. Можеби за тоа време тој ќе најдеше некоја со која ќе си имаше среќен живот, и свадба, и дечиња, и… сè што немаше и нема да има со неа. Но, таков е животот - непредвидлив, понекогаш предвидлив, но себичен. И, таа продолжи понатаму, слободна, сама, без дечко, без љубов, без грижи и сè она што носи една љубовна врска. И тогаш се случи ТОА - битанга и принцеза. Извинете но, стави крај на тоа, но тоа не значи дека можe да пишува за истото. Накратко - беше филмски - брзо, страсно, љубовно, забрането. Чиста бајка - таа од фино, скромно семејство, фина, паметна, кутлурна; тој - нималку фин, богат, познат, паметен, некултурен. И да - женкар. Знам дека ќе звучи како да си измислувам ама да таа беше ТАА која го научи како се сака, на која прв пат ù рече ТЕ САКАМ, за која прв пат заплака, за која сакаше да стане подобар човек, таа од која се срамеше и која му влезе под кожа како никоја друга. И таа  која ја уби како никоја друга. Напоменав дека беше женкар нели? Речиси сум сигурна дека никогаш не ја изневери. Таа него? Два пати, со некои кои ги познаваше, за кои таа му кажа. Прв пат во животот сфати дека, ете, и тоа го може. Зошто? Не знам. Не ја правдам но, можеби немаше причина да биде верна. Уште едно - зошто? Затоа што нивната бајка постоеше меѓу четири ѕида. Надвор не се познаваа - таа не сакаше да мислат дека е уште една во низата очајни за пари и внимание, а тој не сакаше да ја доведи во ситуација да (на)страда поради неговото минато, сегашност и иднина. Или барем таа така мислеше, или сакаше да мисли. Сеедно. Ја праша зошто го изневери? Не знам, можеби Бог преку неа му враќа за цела болка што ја нанел на тие пред неа. Сеедно. Се смееја за иднина, свадба, деца. Никогаш не дозна дека тој беше единствениот со кој што можеше да се замисли мажена. Сега не е ни важно. И така - еден ден - како дојде така и исчезна. Што остави зад себе? Не сакате да знаете. Како преживеа- ни јас не знам. Уште боли. И еден ден - сфати (или така сака да мисли) дека нема за што да плаче. Зошто избега? Затоа што немаше храброст да ја издржи убавината и љубовта и сигурноста што ја имаше со неа. Многупати му рече дека знае дека нема да се смени, не ни сакаше, дека „волкот го менува влакното, но руното не“ - беше во право. Не можеше да издржи во убавото, му беше страв дека ќе ја повреди, а со тоа и самиот себе. Себичност? Можеби. Знам татко му го научил да биде прав војник, но што дека кога не го научил како да преживее во нешто што е појако и поопасно од војната - во љубовта на една жена. Го чекаше, о колку долго го чекаше. И на крај сфати дека и да се врати никогаш нема да биде исто. И да се врати единствено што ќе донесе ќе биде страв дека некогаш, еден ден, повторно ќе го направи истото - ќе избега, од страв. А кој би можел да живее со тој страв? Таа сигурно не. Тие што можат - секоја им чест. Што ù помогна да сфати? Или поточно - кој? Тој. Тој кој би требало да стои како - ТОЈ!!! (со име и презиме и датум на раѓање и датум на запознавање со него и сè што е поврзано со него). Го запозна случајно. Сите нејзини важни работи се случајни, затоа се и важни, затоа се и убави. Ни денес не можам да си објаснам зошто и како можеше да ја трпи додека плачеше, се жалеше, умираше пред негови очи. А истовремено ù даруваше толку љубов и внимание, како никој никогаш до тогаш. Господ ù го пратил од другит крај на светот, нејзе, тука, тогаш. За што? Да ја гледа како умира, за кога конечно го допре дното да ù помогне да се издигне, да се разбуди, да оживее. Со него повторно научи да се смее (во позадина „Битлси’ ми пеат „Лет ит би“. Ах кармо, ах). Верувајте, не се препознаваше, прв пат по толку време слушаше звук кој личеше на смеа, длабоко од душата, не го препознаваше, не веруваше дека тоа е таа. Дури и ја болеше по малку. Ја болеше од убост. Беше прекрасна летна авантура. Беше сè само не авантура. И што направи таа? Се трудеше да му објасни дека тие никогаш нема да се заедно затоа што тој е премногу добар, а таа премногу „оштетена“, дека тој заслужува подобра, дека ù е страв дека ќе му го направи тоа што ù го направиле нејзе и тн. и тн. и тн. Тој - само ја слушаше и ја љубеше и ја оживуваше и - едноставно правеше да се чувствува убава, сакана, центар на светот (за прв пат). Таа го отфрлаше на секој можен начин. И еден ден тој ù рече да размисли што точно сака. Сакаше да е среќна. Звучи едноставно, но не и за „мртов“ човек со кратер во душата која едвај дише - колку да преживее. Дури беа еден до друг „размислувањето“ не беше можно, беа зависни еден од друг - и физички, и ментално, и духовно. И се случи тоа - сфати дека цело време барала нешто или некој кој веќе го има. Секако - ù беше страв да му каже, секако - се охрабри во истовреме кога тој кажа КРАЈ. И повторно таа болка… И кој вели дека жените не смеат да молат или да се „омаловажуваат“? За него би одела и на другиот крај на светот, ако тоа не ја прави доволно јака - барем ја направи среќна. А таа среќа скапо ја плаќа. И таа и тој. Никогаш нема да заборават што се случуваше кога се запознаа, колку долго ја чекаше да сфати што сака, да оживее. И двајцата знаат дека сега таа се учи да диши, да се смее, да сака, да верува, да се надева и да сонува. Сè благодарение на него. Дали ù е страв? И тоа како. Страв ù е дека тој еден ден ќе сфати дека едноставно е време да продолжи понатаму - без неа. Го направила тоа и ù го направиле. Но, таа ја имаше таа можност да си го замисли светот без него, ја научи разликата, и за среќа го доби подобриот дел од можните приказни. До кога ќе трае - не знае (а би сакала, ох колку би сакала). Тој страв постојано ја јаде, ја разјадува, ја убива. Кога само би била сигурна дека никогаш нема да замине. Ù останува само да се надева. Во меѓувреме - му верува, го сака, оживува покрај него - како мало детенце - учи да постои. И убаво ù е. И другите забележуваат - стана подобра личност, конечно почнува да ги остварува соништата, да се сака себеси, да се разубавува - внатрешно, а тоа, и тоа како, се рефлектира надворешно. Луѓето постојано ù коментираат дека се поправила -на подобро. Малкумина знаат кој е „виновен“ за тоа. Тие што ги гледаат се дури и љубоморни. Искрено, врската не им е нималку совршена, но е убава, мирна, верна. Ако тоа не е љубов... А што беа претходните? Што е врската во која се самоуништуваш или го уништуваш другиот? Страст, љубов, очај, омраза…. Кој знае. Таа не сака да знае, таа сака да живее за денес, за него, за нив, за тука и за нивните нималку романтични средби во кои само еден единствен поглед или насмевка ù го топи срцето и ù кажува дека тој е тука без оглед на сè. Тој романтичен миг не може да се плати со ништо на светот. Нема фотографија, нема доказ, но сè е зачувано длабоко во новото ù срце, во закрпената душа, онаму каде никој нема да допре. Во нивното мало таинствено катче.
Може ли да се зборува за љубовта без да се испишат цели реферати? Очигледно дека не. Прочитавте ли до крај? Можеби не. А за остатокот останува прашањето - што е љубов и дали јас сум заљубена? А девојчето / девојката / жената од приказната? Кој знае? Јас сигурно не. Едно знам - среќна сум. И убаво е, мили мои. Убаво до болка.

14 January 2019

ПРАШИНКА

Јас сум само прашинка во светот
Лесна, летлива, тивка.
Одам каде ветрот ме носи
и виорот повторно ме враќа.
И враќа, и враќа,...
Темнината ме плаши, тишината опушта.
Сонцето енергија буди,
а дождот смирува.
Капка вода капка мир дава.
Грст темнина тишина раѓа.

Јас сум само прашинка во светот.
Една од многуте, но единствена.
Иста како вас, но своја.
Јас сум само прашинка,
а што си ти?
Ако исти по род сме, ако исти по лик сме,
а божем повеќе твојот лет од мојот вреди,
и виорот на различна страна нè носи.
Што си ти прашинко мала?


09 January 2019

МИЛИ МОЈ

Мили мој.
Не си повеќе ни мил, ни мој.
Како е? Ме гледаш ли во секоја друга?
Ме бараш ли секоја ноќ?
Стигна ли клетвата?
Те болам ли уште?
Ти веќе не.
Ме чекаш ли?
Јас веќе не.
Сега ти си на ред.
Чекај ме.
Јас сигурно нема да дојдам.

04 January 2019

ШТО Е ЉУБОВ?

Да сакаш некого до премаленост,
да те боли неговото отсуство,
да те храни неговото присуство,
да е твоја најголема болка
и твое најголемо издигнување/
Тоа ли е љубов?

Да го чувствуваш на својата кожа,
ни вода да не го мие мирисот,
ни оган да не ја гори душата
повеќе од неговите допири.
Ни најголемата длабочина да не е доволна
за да ја покрие убоста во неговиот поглед.
Тоа ли е љубов?

Да е на друг континент, а да те допира во сон
да не ти зборува, а да ги слушаш убавите мисли
кои те смируваат, воздигнуваат, оживуваат.
Да ти го даде светот во една кратка порака
за добро утро, во виртуелен бакнеж за добра ноќ.
Тоа ли е љубов?

Да му ги кажеш најголемите стравови,
да си ги оствариш најголемите соништа
за да си горда на себе, и тој на тебе.
Да бидеш најхрабрата жена на светот
-само затоа што си негова.
Тоа е љубов?

Онаа невина, искрена, длабока,
вистинска, бескрајна.
Тогаш го љубам,
до болка, до воскреснување,
до најдалечниот бескрај,
до најголемата длабочина
и највисоката висина.
Се љубам и себеси, не’ љубам нас.
Она што бевме, она што станавме, она што ќе сме.
Заедно сме, непобедливи сме
Вљубени сме.
Го љубам.

01 January 2019

СРЕЌНА НОВА ГОДИНА

  Претходната година ја оценуваме како добра, одлична, лоша, многу лоша... Тргнувајќи од убавите или неубавите работи кои сме ги доживеале. Ајде да трегнеме од себе. Да решиме дека секоја наредна година ќе ни е добра, убава, успешна. На лошите моменти да гледаме како на лекции, а на добрите како на Божји благослов. И кога по една година ќе се навратиме наназад во спомените да можеме гордо да кажеме - Беше добра година, доживеав сешто, проживеав многу и тука сум. Една година помудар, уште една нова за исполнување со идни спомени.

Нека ни е среќна и успешна оваа година.


НЕ САКАМ ВО ЗООЛОШКА

Зоолошката градина е синоним за среќно место. Посебно кога си дете. Толку многу нови авантури. Сите животни кои си ги гледал на телевизија, ...