Се жерави како ливче пролетно,
бара место душа да протегне,
за надвор рано е,
внатре не се доседува.
И јас нестрпливо чекам,
си велам време има,
а времето час како вртелешка,
час како полжав ита.
Има време, а времето за час стига.
И денот ќе дојде,
приказни безброј веќе се скроиле.
Ниедна нема да биде како во мислите.
Која полоша, која подобра,
тројцата ќе ја пишуваме.
Ти расти, мрдај, уживај,
не итај за надвор.
Бог знае кога е време,
до тогаш ќе уживам
во овој убав неспокој.
